34. Годишно собрание на БЗМ, 20 јуни 2007

Редовното Собрание на Библиотекарското друштво на Македонија, 34-то по ред, се одржа на 20 јуни во Прилеп, градот на културата - 2007 година. Собранието се одржа во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ на кое присуствуваа околу 100-тина членови, претставници на библиотеките од Р. Македонија, претставници од Министерството за култура, Локалната самоуправа - Прилеп и Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Собранието го отвори и присутните гости ги поздрави в.д. директорот на Библиотеката Благица Илијоска, посакувајќи му успешна работа и искажувајќи задоволство што оваа година Собранието се одржува во Прилеп, истовремено запознавајќи ги со дејноста и активностите на културните манифестации што се одржуваат во Прилеп и сe она што го збогатува културниот живот на граѓаните.

За прилепските обележја и знаменитости на градот, беше презентиран видео-материјал.

Во работното претседателство на Собранието учествуваа: Сузана Котовчевска - претседател, Кирил Ангелов, Наде Караџоска и Благица Илијоска. Работниот дел започна со излагањето на претседателот на БДМ, која зборуваше за реализираните активности и постигнувања на Друштвото и со предлог програмите и активностите што се планираат. Следеше и излагањето на Благој Николов, на тема: „Зошто на РМ и е потребен национален библиотечен систем?“ Во дискусијата зедоа учество повеќе претставници од библиотеките, но општ заклучок беше дека јавните библиотеки немаат доволно технолошки и кадровски капацитет за несметано функционирање на COBISS - програмската поддршка. Библиотеките пак што функционираат во склоп на Домовите за култура, се во уште полоша состојба. Собранието донесе заклучок да се упати допис до Министерството за култура со барање за вработување на стручни кадри - информатичари за одржување на компјутерската опрема како и да се направат напори и помалите библиотеки да се вклучат во COBISS - програмата. Гостите ја посетија Изложбата на слики во Галеријата на Домот на културата „Марко Цепенков“, Прилеп.