38. Годишно собрание на БЗМ, 27.05.2011, Тетово

38. Годишно собрание на БЗМ се одржа на 27 мај 2011 година во зградата на поранешниот Дом на АРМ, во Тетово, со почеток во 11.00 часот. Присутни делегати - 60. Собранието го водеше Претседателот на БЗМ, д-р Николче Вељановски. Темата на Собранието беше „Образованието на библиотекарите во Македонија“. И покрај навремената покана и нивна најава за присуство, претставниците од Министерството за култура не дојдоа. 
Собранието го отвори претседателот и даде уводен говор. Присутните беа поздравени од претставникот на Библиотеката - домаќин, НУ - Библиотека „Кочо Рацин“ од Тетово. Поради отсуство на Директорката на Библиотеката - домаќин, г-ѓа Фиторе Решити, добредојде на делегатите им посака претставникот од Библиотеката - Ѓултен Ајрули на албански јазик и м-р Елизабета Трпческа -Петрушевска на македонски јазик.

Претседателот на БЗМ, д-р Николче Вељановски, поднесе Извештај за работата на БЗМ во периодот јуни 2010- мај 2011 и реферираше за финансискиот извештај. Д-р Николче Вељановски спомна за процесот на пререгистрација на Друштвото во Библиотекарско здружение на Македонија, скратено БЗМ, при што го пренесе пред присутните барањето на Централниот Регистар да во иднина во Статутот биде внесен и бројот на делегати кој секоја библиотека во РМ треба да делегира на годишните Собранија на БЗМ.
Посебно место во својот извештај Претседателот му даде на новата ВЕБ – страница на Здружението, на причините зошто се решивме на овој чекор и предностите на истата.
М-р Иванка Соколова имаше воведно предавање „Улогата на јавните библиотеки во локалните заедници и ИТ технологијата“. Таа зборуваше за можноста за аплицирање со проекти, посебно за јавните библиотеки и се задржа на последниот проект кој го добила за библиотеката во Радовиш. Прикажа кус видео запис за проектот и користите од реализацијата на истиот.
М-р Розита Петринска-Лабудовиќ одржа презентација на темата на оваа Собрание – „Образованието на библиотекарите во РМ“, при што се задржа на можностите на стручно усовршување и наобразба во струката.
По презентациите, делегатите имаа дискусија на обработените теми, но и на други проблеми. Беа спомнати новите студиски програми за Библиотекарство на Педагошкиот Факултет во Скопје и Педагошкиот факултет во Битола кои не се во координација со БЗМ. Во дискусиите беше генерално прифатено дека е оправдано отворањето на ваквите и слични студиски програми на факултетите доколку се тие во координација со Библиотекарското здружение на Македонија како што на пример тоа го бара и Американската библиотекарска асоцијација од американските факултети по библиотекарство.

 

ПРОГРАМА

Почеток на Собранието 11.00
Отворање на Собранието: д-р Николче Вељановски, претседател на БЗМ

Воведен збор на г-ѓа Фиторе Решити, директор на Национална установа - Библиотека „Кочо Рацин“ - Тетово

Работен дел 11.30
Извештај за работата на БЗМ за 2010 – 2011г., д-р Николче Вељановски

Воведно предавање на м-р Иванка Соколова, виш библиотекар

„Улогата на јавните библиотеки во локалните заедници и ИТ технологијата“

Тема на Собранието

„Образованието на библиотекарите во Р Македонија“, м-р Розита Петринска - Лабудовиќ

Затворање на собранието 14.00
Свечен ручек 14.30
Ресторан „Тетекс“